Интернетот како средство за производство

1503361_10206006978360167_746247528547610937_n

Во економија каде што работникот, наместо со своите раце, создава со својот ум и вештините кои ментално ги развивал, интернетот, кој обично се гледа како средство за дистрибуција и комуникација, е воедно и дел од средствата за производство. Сепак, интернетот е хаотична – и во очите на мнозинството – виртуелна конструкција која не диктира, не условува и не идеологизира, туку се препушта на неговите корисници за да биде користена на севозможни начини и со најразлични цели. На крајот на денот, тој е само средство, алатка која може да биде искористена.

Во последната деценија, на интернет се појавува и внатрешен економски аспект – имено, за одредени услуги се наплаќаат пари. Ова може да се толкува како отворен интернационален пазар, но тука има неколку клучни работи кои треба да се потенцираат.

Прво, предметот на размена преку интернет мора да е интелектуален и нефизички производ кој може да биде и од уметничка природа. Примери за вакви производи се услугите за изработка на веб страници, пишување на текстови, преводи, графичко дизајнирање, средување на податоци кои во реалната физичка економија би се превеле како хонорарни работи – сработување на одредена задача за одреден паричен надомест. Сепак, на интернет денес може да се најде и нешто што во реалната физичка економија би се превело како вработување, купување на нечие време со широко определена но не точно предодредена активност во купената временска рамка – виртуелен асистент, менаџер на страна, едитор на музика, администратор и слично. Во секој случај, крајниот производ е од интелектуално потекло но истиот има финансиска вредност.

Второ, овој производ може да биде создаден исклучиво преку моќта на интернетот како средство за комуникација и производство. Ниту една, ниту хонорарна ниту времена финансиска активност не може да биде комплетирана без да се има на располагање огромната количина на информации на интернет. Ако завршената активност не зависи целосно од лична вештина, туку за нејзино завршување се потребни дополнителни информации, интернетот се јавува како средство кое овозможува тие информации да помогнат во создавање на производот. Доколку активноста може да биде завршена, а производот создаден без да биде споделен, едноставно постоејќи на нечиј приватен компјутер, тој воопшто не влегува во пазарот – без интернет тој ниту можел да биде порачан, ниту испорачан и не е релевантен за пазарот.

Трето, производот ретко ја напушта виртуелната сфера, освен ако не е прикажан (во одредени случаи печатен, проектиран итн.). Како таков, тој е создаден од оној интелектуален капитал што го поседува авторот, платен со финансискиот капитал кој го има купувачот, а неговото целосно дејство е ограничено во рамките на интернетот. Така, небитно е дали се работи за текст, код, слика или било кој друг производ, сите тие имаат два можни краја – да се наменети за задоволување на потребите на приватни лица или на компании кои што потоа можат да ги употребат производите за создавање на уште поголем финансиски капитал.

Со овие три постулати на ум, веќе можеме да создадеме слика на пазарната природа на интернетот, но поради неговата широка намена, воедно и како средство за производство на пазар кој што и самиот е. Активни групи на отворениот пазар се првенствено работниците, таканаречените “фриленсери” кои ги изработуваат производите, потоа приватните лица, кои ги порачуваат производите за свои потреби и компаниите кои ги порачуваат производите за експанзија на сопствениот капитал. Сепак, оваа поставеност самата диктира и одредени инхерентни особини за поставеноста на овој систем. Бидејќи пазарот е базиран на побарувачка, тежина на задачата и професионалност, цените често се ниски до возможните граници, создавајќи расчекор помеѓу вложеното време и исплатената сума. Така овој систем наметнува модерна, анархо-капиталистичка идеологија. Ако ги погледнеме сајтовите како freelancer.com и upwork.com, лесно се согледува праксата која постои – оние кои добиле проекти, добиваат експоненцијално повеќе нови проекти, а оние коишто не добиле ништо, независно од нивната цена на изработка, интелектуална способност, итност и други параметри, не се земаат предвид. Сепак, тука има уште еден аспект – времето. Оние со максимално искористено работно време (онолку колку што се спремни да посветат) веќе ги нема на пријавите за проекти и се ослободуваат места за оние на кои што не им е исполнето времето. Така, во вечна експанзија, се создаваат нови “работни места” за сите оние кои би сакале да работат на интернет.

Сепак, што би рекол нашиот народ, тука нешто чкрипи. Материјалните околности на работниците често се до толку различни, дури и спротивставени, што значителен дел од работниците самите си ставаат цена на својата работа која им наметнува продолжување на социјалното статус кво во кое се наоѓаат, која не им нуди никакво подобрување во финансиската состојба, притоа максимално окупирајќи им го времето. Сите оние кои поминале барем еден час по интернет страни за фриленс имаат видено колку малку чини трудот во земји како Индија, Пакистан, Сомалија и слично. Често, поради овие исклучително ниски цени, работодавците се јавуваат како експлоататор кој ја злоупотребува положбата на работниците со туркање на цените сè подолу и подолу, сè до моментот кога тие веќе не ги задоволуваат потребите и очекувањата на работниците, кои мораат да се откажат од работата. Како пример би ги зел пишувачите на текстови – на интернет лесно може да се најдат работници кои за помалку од еден долар би напишале текст од 500 зборови кој задоволува средно-високи стандарди на работодавецот. Често, за текст од 500 зборови, доколку темата е непозната (во огромно мнозинство од случаите е непозната) потребни се два- три часа истражување, редактирање и друга работа за задоволување на стандардите. Ресурсите кои влегуваат во подготовка на производот се едноставно неисплатливи, а времето кое е посветено на ова може да биде пренасочено кон нормално-платена работа. Покрај ниската и неисплатлива финансиска корист, некои работодавци, онаму каде што не се заштитени од правилата на веб страните, воопшто не им плаќаат на своите работници со изговор дека “тоа ќе изгледа многу добро на нивното резиме како почетници”. Сепак, многу работодавци во потрага по најниска ценана трудот, со задоволство се јавуваат како експлоататори, што по дефиниција и се.

Доколку интернетот по ова се гледа како средство за производство за сопствениот пазар, покрај неговата инхерентно капиталистичка особина, мора да се преиспита и неговата анархична тенденција. Имено, тенденцијата на потполна нерегулираност на активностите кои се дел од процесот на размена или – во најдобар случај – нивно врамување во рамките на дозволеното, од страна на администраторите на веб страницата, на која се случува трансакцијата. Бидејќи трансакциите се базираат на вложениот труд и завршената работа, ова носи ризик работниците да бидат целосно оставени сами на себе при евентуално неправедно однесување од страна на работодавците. Не постојат интернет синдикати, работнички совети и слично, што работникот го става во подредена позиција во однос на онаа група што сега веќе можеме да ја наречеме ситна буржоазија – работодавците.

Тоа води кон прашањето – кој е овде крупната буржоазија? Кога трансакциите се одвиваат непосредно помеѓу работник и работодавец, таа не е присутна и од неа нема зависност, но кога трансакциите се одвиваат во рамки на веб страница наменета за работа на интернет, сопственикот на самата веб страница ја презема улогата на крупна буржоазија со тоа што им наплаќа на работодавците процент од секоја исплата, а на работниците процент од секој приход. Така, веб сајтот, со минимален влог, добива максимален профит исклучиво преку “оданочување” на сите свои корисници, а за возврат им овозможува одредени контролни механизми кои се носители на улогата чувари на правдата.

Што е крајниот резултат? Експлоатирани работници, концентрација на финансискиот капитал, максимална прекаризација на пазарот на трудот, минимална регулација на наемните односи и непотребно оданочување. Затоа, доколку сте еден/една од оние кои работат на интернет, кои си го вадат лебот со чесен труд, не дозволувајте да бидете експлоатирани! Барајте зголемена регулација и намалено оданочување од веб страниците што ги користите или извадете ги трансакциите надвор од нив и нивниот уценувачки “фидбек” систем и префрлете ги на други сајтови со силна регулација и заштита на вашите права. Вашиот код, текст, дизајн или кој било друг производ е предмет на размена и со интернетот како средство за производство на ваша страна, вие решавате колку ќе го цените својот труд!

 

Давид Стефаноски

Член на Младинска организација “Мугра”

 

Невидливите (бескуќници, а не бездомници) – ПОВИК ДО ОПШТЕСТВОТО!

сс12391286_10203995728413563_6756764182849158504_n

Никој не се раѓа криминалец, никој не се раѓа угнетен, никој не се раѓа отфрлен, никој не се раѓа бездомник, сите нив ги создава општеството. Дојде време кога тоа општество си ги заборави своите отфрлени членови, што се коси со неговата идеја да биде заедница на сите. Од него никој не треба да биде отфрлен, но сепак, на неговите маргини се наоѓаат едни негови членови кои за другите се невидливи.

Познатиот комичар Џорџ Карлин во една прилика убаво нагласи дека бездомниците не се без дом, дом (дома) е апстрактна идеја, тоа е идеја која секој различно си ја разбира, тоа може да е некаква надворешна или внатрешна состојба на секој човек. Она што на бездомниците навистина им треба се куќи, станови и кров над глава. Затоа во вистинска смисла овие луѓе не се бездомници, туку се бескуќници. Ако тргнеме од оваа идеја излегуваме од апстрактните морализирања за потребите на овие луѓе и почнуваме полека да ја сфаќаме реалната состојба и што навистина им треба на овие луѓе.

Бирократијата е нашиот непријател. Таа неорганизирана државна апаратура е понечовечка со секој подолен слој на нашето општество. Сите ние од неа страдаме, но страдањето која таа го приредува за најугнетените е нешто кое најмногу не разгневи во потрегата по правда за бескуќниците. Во нашата борба со институциите да ги згрижат овие луѓе, да им дадат медицинска, социјална и економска помош наидовме на стотина бариери и затворени врати насекаде. Еден систем не ги препознава, а друг не е надлежен за нив.

А зошто никој од властите не се позанимава посериозно со овој проблем на бескуќништво? Е па од него, што би се рекло, нема ќар, нема добивка, не може да се изманипулира ништо од решавање на проблемот на бескуќните лица. Иронијата е тоа што постоечките објекти и институции само фантомски фигурираат за да им помогнат на бескуќниците. Најголемата помош ја добиваат од самоиницијативни наши другари и другарки кои здружени во неколку иницијативи делат оброци, згрижуваат лица, делат облека и ги издигнуваат овие луѓе на нивното човечко достоинство.

За вистинско решение на проблемот не треба само една ваква акција која популарно се води како ,,хуманитарна”, туку треба вистинска политизација на проблемот за да можат задреманите бирократски апарати да ги отворат очите. Бескуќништвото е проблем на општеството, а со тоа и на државата. Ниеден елемент од едно општество не може да се изолира од него, затоа тоа е проблем на сите нас, а во моменталната состојба проблем на државата. Таа проблемите или ги игнорира или наоѓа решенија кои не трпат многу труд и работа за суштински да се решат. Сите во оваа држава се однесуваат како случајно да се затекнале тука. Да не се повторат зимските ноќи на -20 степени целзиусови кога по запуштените фабрики и автобуси ги собираме луѓето и привремено ги згрижуваме. Бараме од институциите да нè слушнат, а досега што беа глуви треба јасно и гласно да им се каже дека потфрлија, дека се откажаа од бескуќниците, дека се откажаа од солидарноста, дека едноставно крахираа пред секој предизвик.

Ние не се занимаваме со дневно-партиските препукувања кои ништо не решаваат, ние се занимаваме со вистински проблеми, сакаме и нашата држава да почне да се занимава со нив. Го повикувам општеството да сфати дека грижа за бескуќните членови на нашата заедница е вистинската политика, вистинските мерки со кои треба да се занимаваме.

Ова е повик до сите, не само до властите, туку до општеството, до сите нас, да се освестиме, да се разбудиме од нашиот комфорен дремеж, да ставиме прст на глава и да видиме како можеме да се солидаризираме. За вистинските социјални проблеми да испливаат на површина, наместо за небитните партиски потрчковци на медиумите да слушаме за реалните проблеми. Да се организираме, да се солидаризираме, да агитираме. Да не оставиме наредна година да снема други наши другари и другарки кои се борат со студот и гладот, наша должност и обврска е како општество во нашата голема куќа наречена држава да ги вдомиме. Да ги вдомиме овие луѓе кои се работоспособни и не бегаат од обврски и кои знаат да почитуваат кога им се нуди помош. Им се случила несреќа и сами се бесмошни да излезат од таа состојба. Но зошто дополнително да ги осудуваме со отфлање од нашата заедница? Дури го пишувам ова уште еден бескуќник почина, а друг се бори со студот, мораме да се активираме сега!

Кирил Дончов

член на Младинската организација “Мугра”

Ниту забите на лавот, ниту боцките на розата! – Или за акушерите на комунизмот.

10897838_10204482671499128_2457642149358387264_n 



Во раните денови на септември 2014 година помеѓу група луѓе почна да се заговара создавање ново студентско движење, кое по својата суштина радикално ќе отклонува од дотогаш постоечките и за првпат во Македонија ќе ги отвори портите за супстанцијално различна политика. Претпоставките беа поставени, заклучок извесен, требаше само да се изведе егзистенцијата на супстанцијалната другост. Овде веднаш недвосмислено кажувам, движењето воопшто не се роди од индивидуалните медитации на неколкумината – како Атина од главата на Ѕевс – туку тоа беше нужна антитеза на општествената стварност во ова време, па неколкумината сфатете ги како ладната инструменталност на нужноста. Едноставно  контурите на политичкиот простор беа се оцртале сами, наше беше да ја исполниме содржнита во нив.

Во таа насока ја поставувам првата теза: Студентскиот пленум беше производ на општествените околности, односно новото општествено движење кое тој го најави беше дирекна антитеза на долгогодишната политичка парадигма во Македонија!
 Тоа не значи дека политичкиот медиум на движењето претходно не постоел фрагментирано во општеството, туку значи дека во Студентскиот пленум за прв пат се случи неговата синтеза. Хоризонталната структура беше застапена во низа други културно-политички субјекти од поинаков вид (АКСЦ, Храна а не оружје, Контра кадар..), академскиот јазик беше присутен во разни организации (Млади Сократовци), субверзивната акција и претходно го исполнуваше општествениот простор (Ленка, Слободен Индекс, Плоштад слобода), но синтезата во еден конкретен политички медиум за прв пат се случи во Студентскиот пленум и таа беше посредувана – во форма на негација – од општествената стварност во тоа време. Нужно мораше да се доврши поимот на авторитарната неолиберална политика водена во континуитет и со прогресивен развој – од сите влади од осамостојувањето на Република Македонија па сè до денес – за да ја исфрли во оптек својата контрадикција – радикално егалитарната политика. In concreto тоа значи дека последната влада на ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ го заврши она што владите на СДСМ го почнаа, имено елитизирање на економијата и нејзино отуѓување од обичниот човек, попратено со создавање на сопствени центри на економска моќ, или кажано едноставно – деполитизација на економијата (нешто во што обичниот човек не е зафатен, нешто што не се однесува на polis-от, заедничкото), понатаму етнизација на политичкото, попратено со инструментално заострување на меѓуетничките тензии, заробување на платформите за комуникација, економска и политичка репресија на медиумите и насилство во каналите за комуникација,  економско и политичко слабеење на универзитетите и систематско деградирање на авторитетот на интелектуалецот во општеството, репресија кон отклонувачките политички движења, како и многу други политички пракси кои го исполнуваат поимот на досегашната политичка парадигма во Република Македонија. Работите гледани на овој начин овозможуваат да се препознае линијата на континуираното владеење на политичките елити, па оттука може слободно да се зборува за една политичка парадигма во континуиран развој.

Значајно ќе биде овде да се расветли попатниот заклучок до кој доаѓаме дека меѓу двете досегашни политички опции не постои никаква супстанцијална разлика. Притоа митот за нивната спротивставеност е разрушен и тие се покажуваат како некаква историска грешка на македонскиот народ, случајно фаќање лево и десно, профана акциденција indeed, со единствена цел: обезмоќување (политичко и економско) на обичниот човек во Македонија. Не би било несоодветно овде да се расветли и улогата на т.н. „граѓански сектор“ или поточно улогата на професионалните активисти. Се прашувам што друго правеа овие луѓе, освен тоа што одново и одново ја ревитализираа оваа политичка парадигма, постојано преоблекувајќи ја во разни модни кројки, преземени од најновите модни текови на неолибералниот ЗАПАД и, се разбира, никогаш не играјќи директно на картата на глупоста на македонскиот народ – бидејќи се доволно внимателни, туку секогаш итро типувајќи на неговата непроникливост. Може слободно метафорично да се мисли дека нивната функција е онаа на желудочните сокови кои ја разградуваат лошата храна како би била полесно сварлива за обичниот народ и вкусот на странските интереси.

Токму во кулминацијата на оваа тенденција на политичката парадигма во Македонија се роди Студентскиот пленум. Тоа студентско движење, кое веднаш се разлеа во општествено движење и сеопфатно го зафати сите општествени пори, ги обединуваше сите коренито егалитарни политики во општествениот простор, па неизбежно срасна како супстанцијална различност од  постојната политика. Солидарноста, класната еднаквост, слободата на мислење, говор и симболично изразување, сексуалната, половата, како и другите слободи не беа само номинално искажувани, туку и суштински карактеристики на феноменологијата на движењето. Па така, орбитата на неговото распостилање: амфитеатрите, училниците, плоштадите и улиците се трансформира во микро-комунарно општество. Меѓу опфатените од таа парадигма разликите се изгубија, се исцртаа рационалните правци на развој, се напуштија бирократските и отуѓувачки улоги, се истакнаа рационалните авторитети а лажните се маргинализираа, се зголеми продукцијата, се појавија нови приоритети, се ревитализира љубовта, се освои животниот простор во општеството и воедно се стисна тупаницата доволно силна да ги распарчи веќе трулите пранги на корумпираната политичка елита. Впрочем, Студентскиот пленум беше еден елегантно изведен експеримент од општеството, кој имаше една единствена цел, да ја демонстрира егзистенцијата на политичката идеја на комунизмот. Политичката идеја на комунизмот почна да се исцртува во општеството како единствена целосна контрадикција на постоечката општествена стварност, како пробив во нов простор, нова регулација на commons-ите и нивен хуман третман, еднаква дистрибуција на богатството, ново проблематизирање на државата, ново соочување со глобалниот капитализам, преиспитување на политичките категории, а со тоа и афирмирање на политичкото и одделување трансполитичкото од сферата на политиката. Во демострацијата на таа идеја, СП несомнено успеа и со прецизен хируршки зафат ја изолира метастазата од општествениот организам и го откри општеството во својата природна комунитарна состојба.

Овде дирекно доаѓаме и до второто тврдење: Ништо не е поопасно од идејата на која ѝ дошло времето или не постои механизам за спречување на општествената трансформација која созреала и земала замав. Веднаш да потцртаме, појавувањето на Мугра и Левица се првите протегнувања на општеството во зародиш и го претставуваат нужниот дијалектички исчекор напред во историјата. Комунизмот, кој веќе беше опишан од новото општествено движење, ги организира своите сили во рамките на овие два автохтони политички субјекта. Нема двоумење дека сведочиме нов политички јазик, ново дефинирање на поимите кои ја обликуваат општествената стварност, ново поимање на polis-от (заедничкото), нова снага која го демистифицира класното општество и која митот кој орбитира околу него го толкува како класна стапица. Овој организиран отпор против политичките елити од старт е супериорен во однос на нив поради тоа што во својата општествена критика материјалниот каузалитет на македонското општество го изведува до крај – до неговата економска основа- и со тоа ја разголува нивната природа. Се разбира на ова тие од своја страна се загрозени и се принудени да реагирааат.

Реакцијата е насочена во крајна смисла кон спречување и укинување на можноста за една антропо-политика која ги ништи, но дури и реакцијата во дихотомијата ВМРО–СДСМ се разликува единствено по својата акциденталност. Тоа ќе се препознае и во односот кон изворот на таквата политика – Студентскиот пленум. Имено, едната страна тргна во дирекно дискредитирање и неуважување како материјално најзагрозена од него (дискредитации по медуими; Сител; Канал 5; Курир…). Другата, пак, неговото укинување го гледаше во присвојувањето на неговата феноменологија, односно се појавуваше како културолошкиот тип на оние антихерои – убијци кои преку смртта на својата жртва го продолжуваат своето живеење. Другата страна демонстрираше низа на присвојувања (од начин на зборување, до симболи, естетика и програми на кампови) за на крај да ги устоличи најистопорените маскоти на движењето во своите пратенички листи. Но, се разбира, би било наивно да се падне на тој трик, поконкретно би било не помалку трагично и фатално разочарувачки да не се препознае волкот во овчјо крзно. Она што упорно го промашуваат елитите е тоа дека, колку и да реагираат, како и да реагираат, со појавата на новите политички субјекти, нивната маневра е веќе растворена во сол, база и киселина, и веќе јасно се согледува класниот интерес од кој поаѓаат.

Кога работите се вака поставени, тогаш мантрата (читај: одбранбениот штит) со која нè тероризира загрозената елита – „Го ситнете отпорот“ – би можеле во јазична игра да ја превртеме во – „Го крупните отпорот“ – и во претпоставената дијалектика на двете завојувани страни да ги вброиме нив од другата страна. Непријателот еднаш беше потцртан, сега само треба да се потсетиме дека, како тогаш, така и денес, не нè спречуваат, ниту, пак, заплашуваат  ниту забите на лавот, ниту боцките на розата. И уште еднаш за крај, да се повтори дека НИШТО НЕ Е ПООПАСНО ОД ИДЕЈАТА НА КОЈА И ДОШЛО СВОЕТО ВРЕМЕ! А на идејата на антропо-политиката носена од новиот комунизам ѝ дошло времето!

Стефан Видиков, основач на Студентски пленум.

Свирачот од Хамелин ги води масите да се удават

12391286_10203995728413563_6756764182849158504_n

На фашистите коските им се тресат од младината! Им се тресат бидејќи младината може да ги разбуди и другите зачмаени слоеви од општеството кое декадентно ужива во остатоците од режимот кој пред нив се распаѓа. Насилниците на режимот потсетуваат на Црнокошулците на Мусолини и Хитлеровата младина, која била испраќана да сее страв меѓу слободоумните граѓани кои не ја давале својата слобода толку лесно. Хитлер, криејќи се зад своите локални насилници, го спроведувал теророт. Така и овде: локални шерифи на режимот се пресметуваат со кого ќе стигнат, заплашуваат, се закануваат. Слободата на говор е гарантирана за да го штити токму политичкиот говор, оној говор во којшто се пројавуваат нашите несогласувања. Кога нашата слобода на ЈАВНО место ЈАВНО да говориме е доведена во прашање, дали ние сè уште мислиме дека не живееме во репресивно општество?

Младината пред сè треба да остане независна во своето политичко дејствување, ниту еден друг политички фактор не смее да се стави над неа, да се обиде да ја артикулира, да се обиде да ја преземе, задуши и политички да ја искористи. Поминаа времињата на наивноста кај младината. Таа е бесна, лута, револтирана и се грижи за својата иднина. Младината, олицетворение на Софи Шол, позната млада активистка егзекутирана од страна на нацистите, која рекла: „Јас го одбирам на начинот на кој ќе горам!”

Овде сакам да прикажам преку кои три елементи нашите фашисти сокриени зад својот национализам ја користат пропагандата за да нè контролираат, иако во многу аспекти наликуваат и на фашистичката реторика од времето на Хитлер и Мусолини.

Сите се против нас! Хитлер не разликувал кога обвинувал кој сè сака него да го симне од власта, преку таен внатрешен или надворешен заговор, младите и прогресивни уметници, младите и прогресивни сили кои политички се артикулирале себеси преку своето дејствување во државата му биле трн во окото на Хитлер. Сите кои размислувале спротивно од наративот на Национал-социјалистичката партија биле гонети во име на големата приказна дека се против државата, против нацијата. На глобално ниво тоа биле Евреите, тие бие оние кои однадвор ја воделе битката против Хитлер за негово детронирање. И денес е така – сите кои се против неофашистите соработуваат: младите прогресивни сили одвнатре и, секако, таканаречениот голем лошко од надвор – Сорос, заедно со ЦИА, Западот, тајните служби, мрачни сили… Уште марсовците да се против нас, па да имаме и вонземски непријател! Дијагноза: параноја!

Култура во служба на државата! Првото нешто што Хитлер го направил е да ги стави под своја капа сите театри во Германија. Театарот што го воделе Брехт и Пискатор станувал многу инволвиран во социјалното менување на општеството и неговите слоеви, а тоа за Хитлер било неприфатливо, тој сакал да стави крај на анагажираната уметност. Така и денес – сите поткупени уметници не работат за да растат како уметници и притоа да го ангажираат и инволвираат општеството во една поголема катарза за социјално унапредување. Не, тие се користат со архаични и анегдотални приказни со конспиративен тон, со цел да ја оправдаат својата ангажираност пред луѓето кои не ја сакаат културата. Тие ги сакаат парите и власта, а уметноста срамно ја користат за својата валкана цел, криејќи се зад кулисите на оцрнетиот театар. Затоа, како вистински злосторници биле исмевани сите уметници како Шекспир, Молиер, Брехт, кои ги критикувале театарските уметници и го опишувале срамот што ù го нанесуваат на професијата.

Декадентните маси го бранат диктаторот! Најстрашно нешто за германскиот народ е што стоел мирно додека нацистите ровареле низ нивните животи и ги уништувале животите на нивните соседи, кои малку се разликувале од нив во нивните културни обележја. Масите кои гледаат како нивните елити крадат, убиваат, а притоа избегнуваат казна се мотиврани да го прават истото и несвесно да стануваат дел од хиерархиска злоба во општеството. Згазил дете, убил дете, украл, запалил, скршил, силувал девојче, ама простено му е – ОТИ МАЈКА МУ БИЛА ДИРЕКТОР НА ШКОЛО И БИЛА ОД ВМРО-ДПМНЕ, ОТИ ТАТКО МУ БИЛ ПРВ БРАТУЧЕД СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ, ОТИ – НА КРАЈОТ ОД ДЕНОТ – ОД НАШАТА ПАРТИЈА Е! Декадентните маси очекуваат да поминат неказнети исто како и оние кои нив ги управуваат и контролираат за финансиски и политички бенефит. Со други зборови, корумпираните елити ќе произведуваат корумпирани маси. Наше е да порачаме дека НИКОЈ НЕМА ДА ИЗБЕГА ОД ОДГОВОРНОСТА!

И така морално корумпираниот систем ја уништува младината, ги уништува вашите соседи, ги уништува вашите пријатели. Овие изблици на неофашизам во нашето општество мора да бидат спречени со слободни и неочекувани потези на младината кој ќе застане во одбрана на обесправените, системски уништените наспроти морално еродираните луѓе кои сметаат дека можат да бранат криминалци затоа што целото општество е криминално и тие заедно со би пропаднале. Не смееме да им дозволиме на овие луѓе да пропаднат и да го пропаднат нашето општество со нив, НИЕ НЕМА ДА ПОТОНЕМЕ СО БРОДОТ! Нивниот водач како Свирачот од Хамелин ги води масите да се удават. Ние, младите, сме тука да им укажеме да не го следат лажниот пророк да не останат омаени од неговите милозвучни зборови дека вечно ќе ги дарува само ако слепо му веруваат.

Во ова општество, како и во уметноста, како и секаде каде злото е преголемо за да се свари, злото мораме да го уништиме со шок, со изненадување, со непредвидливост, мораме да го сатиризираме, да им ги погазиме суетите, да се ослободиме себеси од нивната пропаганда, па потоа просветлено да ги освестуваме другите. Тоа им го должиме и на нашите претходници и антифашисти: на Питу, на Пинџур, на Рацин, на Наумов!

 

Кирил Дончов

Член на Младинската организација “Мугра”

 

 

Слобода – на долг рок

12832508_10209571100540994_4696863828700924107_n

Внатрешната борба на едно движење може истото неповратно да го закопа во историјата, но прифаќањето на диверзитетот и неговото успешно контекстуализирање може и да го направи една од најуспешните појави во општествената клима на една држава. Очајот на било која власт при соочување со вакво движење секогаш е видлив и опиплив преку нивните акции на бруталност и репресија спрема оние кои, по нејзино сметање, се најекспонирани и следствено, водачи на истото. Одговор на ваквата агресија може да биде да се остави стихијата да преовладее во движењето, да таа биде еден вид хаотична водилка кон иднината која длабоко зависи од таканареченото “поклопување на ѕвездите” во политичката ситуација, или народски кажано, чиста среќа. Ваквите движења се ретки, но често се претопуваат со актуелните политички актери кои знаејќи дека се први на листата на можни капитализатори на незадоволството, себеси се претставуваат како сојузници, притоа неземајќи во предвид дека ако едно движење се изродило надвор од постоечките политички елити и групации, има добри шанси да во моментот на неговото формирање, таквиот начин на настанување бил единствен можен, а сите оние кои јавно помагаат во тоа, суштински штетат на движењето.

 

Сепак, кога опортуниот политички махинализам презема едно движење тоа нема избор освен да потпадне под инерцијата без да има можност суштински да влијае врз дефинирачките карактеристики на движењето, или да се бори да се диференцира себеси, при што која опција и да ја одбере тоа ја губи својата автентичност со тоа што ја губи партијата на ментално “џудо” – ако го победи стихијното, губи. Ако пак, се обиде да го промени од внатре, навлегува во длабока внатрешна идеолошка борба со луѓе несвесни за својата идеологија, дотолку поштетна што добар дел и од свесните луѓе можат да потпаднат под влијание на нивниот прост јазик и едноставни примери, незабележувајќи дека тоа е само една континуирана пракса на несвесно, но невино релативизирање. Доколку пак се обиде да се себеизолира од новиот правец, движењето најдува дека времето потрошено е повредно од времето кое доаѓа, која е пак сосема погрешна перцепција.

 

Единствената алтернатива на тоа е чиста, долгорочна, идеолошки поткована стратегија. Идеологијата како збор, иако стигматизиран кај нас, има многу јасно и општо значење – систем на идеи и/или идеали според кои еден човек си го води својот живот. Кога една личност јасно знае за каква идеологија се залага (за себе, ако не и за цели групи на луѓе), ги знае корените и основите на тоа свое залагање и се произнесува по истото без задршка, таа личност се дефинира себеси како идеолог на своето однесување, а во својата идеологија гледа патоказ за своето однесување во иднина како и пример за однесувањето на другите. Со тоа, кругот е комплетен и сетот на идеи по кој се води личноста станува општествен елемент кој има и свое општествено влијание сразмерно со она на личноста.

 

Така, доаѓаме до точка каде секое движење е дефинирано од склоповите на идеи и идеали кои што ги носат неговите идните чекори онолку многу колку што е и влијанието на личностите кои што се дефинирани од истите. Затоа, за да една претходно дефинирана стратегија функционира, таа треба да биде конструирана од идеолошки хомогена група на луѓе кои на долг рок знаат за каква иднина се борат, за кога конечно ќе дојде последниот чекор до таа иднина (дури и само во умот на оние кои дејствуваат), не настане внатрешен раздор и почетната цел и поента на движењето биде остварена. Секако, идеолошка хомогеност не секогаш значи успех, но кога целите се јасни, единствена точка на дискусија се методите.

 

Давид Стефаноски

Член на Младинската организација “Мугра”

Кога протестите ќе стивнат

гг

Секој ден во 18 часот! Оваа парола ви звучи познато? Епа нормално, и лани исто протестиравме, во исто време и во сличен дел од годината! Ама за жал, не успеавме да придонесеме протестите да имаат некакво суштинско значење за излезот од оваа речиси безизлезна ситуација. Луѓето кои „ни ги отворија очите” дека на власт имаме криминалци од највисок ред, седнаа на маса со нив и договараа како понатаму. Дали тоа зборува дека и тие се слични на нив но немале можност да се истакнат – не знаеме и сакаме да веруваме дека не е така. Инаку, многу е едноставна работата: со криминалци не се преговара. Ако за некого знам дека е криминалец, не сакам да е во моја близина, а не пак да разговорам со него! Но политиката беше посилна од правдата, а личниот интерес од севкупната слобода. Како и да е, на минатото треба да му се навраќаме за да ги научиме грешките и да не ги правиме во иднина.

Денес повторно сме соочени со протести, но според мене до сега имавме само два нормални, природни протести. Едниот беше лани, на 5 мај, по објавените снимки за вистината за убиството на Мартин Нешкоски, и оваа година – дента кога човекот (хм… човекот?) Ѓорѓе Иванов реши да ги сокрие неговите сокриминалци со тоа што ќе ги аболицира. Само тие два дена имаше спонтани протести исполнети со многу гнев, бес, револт, лутина и природно неиспланирано однесување на огромна маса. Се друго беше вештачко излегување колку да се излезе, да се исполни граѓанската должност, бидејќи срамота е да се седи дома при вакви нечовечки услови за живот. Уште Перикле, најдемократскиот владетел, им велел на Атињаните: „Оној што не учествува во настаните на својот град, не е мирен, туку лош граѓанин!” Ваквите протести сè повеќе ја губат својата смисла, и покрај тоа што си најдоа свое засолниште во т.н. шарена револуција. Оваа квазиреволуција што ни се случува единствено им одговара на хулиганите од власта, затоа што речиси на никој начин не е загорозен нивниот комфор, тие не трпат никакви последици од нашите протести, дури и им е олеснета задачата да ги лоцираат своите непријатели, за потота да ги затвораат или казнуваат. Па, добро бе, како може да останеме неми на притворањето на луѓе кои се борат за правда, слобода и еднаквост, а уништувачите на истите вредности си се возат во скапи автомобили, си ѕидаат куќи изолирани од сите и мува не ги лази, и покрај тоа што се… г(д)омна!

Народот што излегува на улица секојдневно се намалува, што е и за очекување, затоа што не може главна цел на протестот да биде фарбање. На тој начин се фарбаат главните проблеми во нашето општество, односно се ставаат под тепих, како што тоа се прави веќе 25 години. Не е проблем Триумфалната порта или фасадата на зградите кои го почувствуваа ветрот на „револуцијата” и на кои сè уште не им стигнал редот. Тоа е како народната: не можеме по магарето, па маваме по самарот! Проблем се луѓето кои (не) работат во тие институции и на коишто треба да им се офарба образот, кој веќе им е многу извалкан. Тие луѓе треба да се притиснат, да не им се дозволи да функционираат како што замислиле. На пример, да се натера Груевски да не излезе од неговиот Мерцедес, па таму нека се масира на седиштата ако сака, ама да не смее да излезе пред граѓаните. А имаме ситуација во која, додека шарените шараат по градот, тој слободно си се шета на саем на книгата – место каде што доаѓаат луѓе кои знаат да размислуваат (имаат барем минимален интелектуален капацитет) и сигурно не можат да го поднесат и им се гади од него, но не преземаат ништо затоа што се предобри, но истовремено и кукавици! Сепак, второво пред сè. Да, кукавици! И некој ќе каже стравот веќе го немало… Сè уште постои страв, инаку како е можно Груевски да проаѓа покрај тебе, а барем да не го плукнеш, на пример, од чиста култура, за да не направиш нешто полошо! Точно е дека каде што завршува стравот, започнува слободата. А ние сме далеку од слободата колку што е горенаведениот далеку од затвор. Далеку, но сепак блиску!

Нормално, проблем се и луѓето кои ги поддржуваат криминалците. Мислам дека постојат два вида такви поддржувачи. Едните се тотално неинформирани, незаинтересирани и со прилично мал степен на писменост. Тоа воопшто не е навреда (не значи дека се и неинтелигентни), затоа што тие луѓе немале можност да дознаат повеќе, изолирани се од информациите, а тоа партијата на власт мошне умешно го користи и го прилагодува да биде така. На таквите луѓе гревота е да им се лути човек, затоа што тие си го гледаат лебот и кој било да дојде на власт, тие ќе го поддржуваат само за да имаат некои мали бенефиции. Но другите подржувачи се многу поопасни и тие треба барабар со барабите да завршат во затвор! Не може еден универзитетски професор или т.н. експерт да биде толку глуп, па да зборува со позитивен тон и да ги брани криминалците. Тој, значи е толку лаком за пари и си го гледа сопствениот интерес што воопшто не го интересира ни морал, ни правда, ни вистина, туку само парите му се важно прашање. Секако, не е исклучена и можноста да се уценети, но и во таа ситуација, сепак, направиле нешто поради свој интерес, па сега мора перфидно да си се штитат.

Многумина мислат дека студентите се меѓу главните иницијатори на протестите. Тоа е точно, но и многу неточно. Вистина е дека студентите се во првите редови, дека тие ги изработуваат платната, голем дел од транспарентите, повеќето герилски акции, но има две големи нешта кои го докажуваат спротивното. Прво, кој им наметнува на студентите да го прават тоа (не велам кој ги финансира, тоа и не е важно, туку кому му одговара тие да се „организатори”)? Второ, колку на број се тие студенти? Според мене, на протестите доаѓаат помеѓу 150-200 студенти, а активно учество во организирање имаат не повеќе од 30. Па тоа ли се студенти? Каде се реките од младост кои чекореа по улиците на ланските протести на пленумите? Каде се студентите да ја одбранат правдата, вистината и да го пикнат криминалот в затвор или, уште подобро, на некое друго место? Сепак, изгледа секој реагира кога му е директно засегнато неговото опкружување, кога нешто лошо му се случува нему, во неговто поле на интерес, а тонењето на државата никого не го засега или не може да го види огромното штетно влијание по сите. Ние, студентите, не можеме да ги извлечеме на улица нашите колеги и пријатели, а сакаме да влијаеме врз свеста на работниците, земјоделците и слично. Тотално нема логика и воопшто не си ја познаваме чергата.

Ситуацијата е таква што ако човек размислува како да делува во ова забегано општество, во кое власта е шута но боде, ќе му дојде да поулави, а и ќе мора да се откаже од сите други дневни активности кои му причинуваат задоволство затоа што улицата те обзема. Протестите станаа мода на мачење, како кога зиме некои девојки носат лесна кратка облека. Убаво им е, и покрај тоа што мрзнат. Ние, младите, треба да се бориме за слободна мисла, демократија, еднаквост, а пред сè за квалитетно и бесплатно образование, но како тоа да го постигнеме? Првиот чекор е да се смени власта, затоа што со сегашниве функционери сè е можно, само добро не! А што потоа? Што правиме кога протестите ќе стивнат? (Може да стивнат затоа што ќе ги снема непожелните лица, а може и да стивнат затоа што народот ќе изгуби желба за излегување на улица, бидејќи нема да гледа поента тоа да го прави) Ќе стивнеме ли и ние? Ќе чекаме повторно да ни се земат правата, па да излагуваме на улица? Се надевам не! Сега е вистинскиот момент да се обедини академската, интелектуалната и слободна граѓанска мисла и критика, за да создадеме основи за подобро и послободно општество. Да не дозволиме да бидеме топовско месо што ќе го затвораат и на кое ќе му се закануваат, а други ќе го искористат за своите цели, за потоа да си тераат според своите интереси! Треба да се обидеме да поставиме нови правила и вредности и да наметнеме наши ставови, затоа што премногу долго бевме пасивни и не интересираше само нашиот двор.

Мислам дека конечно ние, младите, ја сфативме целокупната одговорност што ја имаме во општеството, бидејќи дури и нашите професори во многу мал број се одважија да кажат НЕ на оваа тиранија. Е тоа е жално! Уште пожално е што сме сведоци на секојдневното иселување на најпаметните млади луѓе од државава, како и дека “истите” се притворани од страна на тоталитарната власт, а убеден сум дека поединечно имаат повеќе книги прочитано од целиот владин врв заедно! Тие умови копнеат за помош изразена преку поддршка! Не смееме да дозволиме Милчо Манчевски да биде во право кога вели дека сме најсеирџискиот народ во светот! Затоа, да им помогнеме, за да ни помогнат! Бидејќи, ако ги нема нив, ќе нè нема ниту нас!

„Ниеден човек не е остров

сам за себе.

Секој човек е дел од континент.

Ако морето одрони грутка

исто е како да исчезнала планина од Европа.

Нечија земја, твоја земја.

Со смртта на секој човек умира дел од мене

затоа што јас сум дел од човештвото.

Затоа не прашувај за кого бијат камбаните…

Тие бијат за тебе!”

Џон Дан

 

Колумна од Горјан Аревски,

член на Младинска организација “Мугра”

Црвена револуција

af6d330a-21bb-4949-bc12-195fcaff65b7

«Улиците се наши четки,

Плоштадите – наши палети.»

Мајаковски

Секој авторитарен режим, по инерција на својот централистички и репресивен карактер, води кон редукција на природата на улицата (сфатена како метонимија на јавниот простор) на она што би можело да се нарече – доколку градот се спореди со јазичниот систем – фатичка функција, која Роман Јакобсон ја објаснува како функција која служи единствено за одржување на каналот на комуникација, лишена од каква било експресивна, апелативна или поетска обоеност. Аплициран врз комплексната слика на градот, овој процес (на амплификација на фатичката функција и мортификација на останатите фукции на улицата) се отсликува како трансформација на улицата во комуникациски сервис на етаблираните позиции на моќ. Се потиснува експресијата на независна волја и какво било обраќање кон структурните центри и се ограничува творечкиот пристап кој сака да ја редефинира природата на јавниот простор, а преку неа и морфологијата на урбаниот/социјалниот/политичкиот систем. Со други зборови, улицата за автократот е само ходник од еден до друг салон во неговиот замок. За ситните човечулци, пак, таа претставува сива лента за превезување на нивните тела од домот до работното место и назад, со попатни станици за инфузија на интелектуални седативи и дозирани сензации.

Токму затоа секоја демонстрација на нестандардно разбирање на улицата (преку протест, односно колективна експресија на волја, обраќање кон институциите на моќ, творечка манифестација на алтернативни социјални структури) ќе биде разбрана од центрите на моќ како хаварија на каналите за стерилна комуникација во воспоставената институцинална мрежа. Сосема очекувано, тие ќе ги применат сите хигиенски средства (законите, технологијата, полицијата) за да нѐ отстранат нас, бактериите, од монотониот промет на информации. Антиципирајќи ја нивната хигиенска стратегија, ние треба да развиваме механизми на резистентност и, додека ја еродираме хегемонијата на авторитарниот систем, да градиме јасна визија за институционализација на нов, еманципаторен систем на социјална и економско-политичка интеракција. Систем во кој распределбата на моќ и одговорност ќе биде радикално преосмислена, без џебови на акумулирана економско-политичка моќ која би генерирала потенцијал за корупција, па дури и за рехабилитација на авторитарната политичка пракса. Исто така, не треба да очекуваме транзицијата кон ваквиот систем да се случи стихијно или под раководство на структури кои се цврсто вкоренети во етаблираната политичка култура.

По долгогодишното систематско разнебитување на јавните простори и атрофијата на културата на улична демонстрација/демократија, не зачудува ентузијазмот за прослава на спонтаната народна средба, ослободена од униформата, фолклорниот (етно-религиски) императив или партискиот јарем. Радикалната интервенција во

воспоставената култура на изолирана и контролирана индивидуална инцијативност и инструментализирани колективни средби очекувано ја шокира свеста на протестирачот и ја активира потребата за празнично обележување на новиот слободарски амбиент. Но токму празничната наивност е тројанскиот коњ за колективниот револуционерен порив против репресивните и експлоататорски структури на моќ. Центрифугалните сили на празничниот вител го одвлекуваат протестниот фокус од развивањето организирана стратегија за експанзија на новата политичка интеракција воспоставена на улицата. Едноставно, кога протестот станува карневал се случува перверзија на револуционерниот дух што го отвора гардот за силен удар на реакционерните сили.

Карневализацијата на протестот и банализацијата на револуционерниот вокабулар ја компромитира суштината на практикување улична демократија. Ултимативната цел на уличниот протест треба да биде воспоставување симболички и политички идентитет на народното движење што соодветстувува на материјалните интереси и општествената визија на широкиот потиснат социјален слој — наместо наметнување идеолошки разводнет и јалов, но маркетиншки примамлив симболички идентитет.

Вандализацијата со бои на физичкиот простор устроен според интересите на корумпираната политичка власт е инвентивна тактика за сигнализирање на револтот кон децениското архитектонско насилство на власта врз градот. Сепак, кога шаренилото прераснува во симбол на т.н. револуција, се дегенерира сериозноста на политичкиот потфат што го има актуелното протестно движење. Истовремено се растоварува неговиот социјален капитал, што е евидентно преку неуспехот на протестот да резонира со најпотиснатите од авторитарниот режим: сиромашните, безработните, најзагрозените работници, оние кои знаат дека немаат доволно „школо” или „грб” за да ќарат заштита и поддршка од клиентелистичките структури.

Во таа смисла, ако сме сериозни во намерата да го артикулираме револуционерниот потенцијал на широките народни маси, тогаш бојата на револуцијата треба да биде само тангентно прашање, а не најекспониран аспект на револуционерниот дискурс. Сепак, ако оваа револуција треба да понесе накаква боја, верувам дека таа треба да биде црвена, но не едноствано во нејзиното знаме, амблем или епитет, туку во нејзниниот политички ракурс. Имено, револуцијата која извира од крвта проплукана под чизмата на оваа авторитарна власт има директна врска со универзалната борба против капитализмот, империјализмот и фашизмот, црвената борба. Таа револуција би требало да има 3 основни обележја:

1. Борба за социјална правда. Воспоставувањето и одржувањето на политичка авторитарност и репресија е во суштина надградба на економската експлоатација. Оттаму, како јадрени позиции на новата политичка визија треба да се постават: симултаното унапредување на работничките и граѓанските права, сузбивањето на економско-политичкиот елитизам, борбата за класно освестување и укинување на класните разлики, експанзијата на јавен, универзално достапен и колективно управуван политичко-економски простор и укинувањето на репресијата по која било

основа.

2. Класна обединетост. Наспроти фантазмагоричните поделби по етничка, религиска, родова и сексулана основа, новата еманципаторна политичка логика треба да ја препознае и да ù се спротивстави на единствената поделба која етаблираните политички елити не ја артикулираат, а претставува основа за одржување на нивната дискурзивна доминација и манипулација: класната раслоеност на народот. Во контекст на енормен јаз меѓу сиромашните и богатите и концентрација на огромна политичка и економска моќ во рацете на мала група поединци, апсурдно е да се очекува носители на политичката интервенција во интерес на потиснатите да бидат оние кои ги потиснуваат.

3. Интернационализам. Со оглед на постоењето на слични движења ширум светот и наднационалниот карактер на одредени аспекти на политичката криза, потребно е симболичко и практично приклучување кон општочовечкиот фронт за економско-политичка еманципација. Поддршката од меѓунарнодната заедница е клучна, но за истата да има вистинска тежина треба да биде изразена од конвергентните задгранични движења и од платформите и институциите што доследно го претставуваат народниот глас во одредени земји, наместо од светските политичко-економски врвови.

Во средновековната култура, непосредно по карневалите следувал строг пост. Карневализацијата на народниот револт во овој момент може да стане увертира во уште еден долг политички пост за народот, во текот на кој, трпејќи го секојдневното изгладнување, ќе биде слободен единствено да го медитира подоброто општество. Наместо тоа, улиците и плоштадите треба да ги прогласиме за наши домови, аталјеа, собранија, простори на афирмација на другарски и слободни меѓучовечки односи. Тие треба да останат наши четки и палети, но со нив да ги создаваме контурите на новото општество, а не да ги шараме рамките на старото.

 

Колумна на Андреј Јованчевски, член на Младинска органзација “Мугра”

Фашисти во обид или малограѓански тоталитарци?

11201824_849119358506878_2468210412528588512_n

 

Идејата на овој текст е преку анализа на фашистичките општества, на нивните конститутивни елементи како и на општествените околности во кои тие се појавуваат разделно  и со примери да го опише односот на нивните власти кон посебните општествени области, а особено кон образованието. Исто така во овој текст ќе сe наведат неколку ситуации и состојби во кои се наоѓа македонското образование, каузалитетот на нивното појавување, како и нивно компарирање со ситуациите во кој се нашло образованието во фашистичките општества.  Притоа да овозможи да се препознаат сличностите, како преку поединечни примери така и преку генералната насоченост на образовниот процес.

Вредно е да се напомене дека во текстот подетално ќе се разгледуваат фашистичките општества кои отворено се декларирале како такви, а оние кои се обвинети за латентен фашизам само попатно ќе се споменат.  Имено ќе се разгледува фашизмот како појава која за прв пат се институционализира во периодот меѓу двете светски војни и која денес доживува своја реинкарнација во замаскирана форма.

При разгледување на историската појава на фашизмот сосема би било плаузабилно доколку се се каже дека постојат  два генерални услови при кој тој настанува.  Без овие услови тешко може да се замисли развојот на една таква деструктивна идеологија, поточно кажано овие услови всушност ја прават материјалната основа на политичката идеологија на фашизмот- во сите свои варијанти.  Едната од нив е брзиот развој на капитализмот во западните општества заедно со своите последици – индустријализацијата, модернизацијата на производството, урбанизацијата, динамиката на производството, а другата ја сочинуваат последиците од големата војна како масовната воена мобилизација на населението, масовна работна мобилизација на населението (тенденција која продолжува и по војната), маскомуникација која останува и по војната, нарушување на човечките права и достоинства, нерасчистените прашања кои продолжиле да ги разјадуваат односите помеѓу завојуваните страни и можеби најважната- зголемување на ингеренциите на државата при регулацијата на општествените односи.

Последиците од брзиот развој на капитализмот доведуваат до нагла промена на општествените улоги која пак повлекува криза на социјалната сигурност на класите. Граѓаните масовно се организирале во различни форми на здружување и тоа од прогресивни- во насока на афирмација и зголемување на одредени права, до конзервативни- кои стремат кон зачувување на привилегиите кои ги уживале одредени класи, при што ваквите тенденции редовно доаѓале во судир и се повеќе ги парцијализирале западните општества. Ваквата ситуација имала прилично турбулентно отсликување во политичката сфера и константно произведувала динамична политичка атмосфера. Политичките интереси забрзано се менувале, владите кои што се оформувале имале краток рок на траење и редовно не успевале да се справат со разгорените проблеми. Како еден пример за ваквото тврдење може да се посочи ситуацијата со нестабилноста на владите на Франција која доживеала промена на околу четириесетина различни влади во периодот од  1918 до 1940 година.

Како највидливо кризирање на капитализмот била големата економска криза позната како големата депресија која го зафатила светот кон крајот на триесетите и почетокот на четириесетите години на 20 век. Оваа криза во голема мера ги загрозила политичките системи во тој период со тоа што постоечките влади кои ја затекнале не успеале соодветно да изреагираат како би ги спречиле последиците кои таа ги донела со себе. Како пример за тоа е ситуацијата во Германија во која стапката на невработеност се искачила на дотогаш невидени 32 проценти. Оваа криза индирекно овозможила процеп преку кој радикалните опции на политичката сцена се актуелизирале и добиле масовна подршка како “надежни“ решенија на справување со проблемите кој ги донела кризата.

Дополнително масовната мобилизација на населението дали за воена или за работна цел, како и нарушеното човечко достоинство по големата војна довеле до зголемување на присуството на насилство помеѓу граѓаните во Европа. Масовната комуникација и развојот на техниките за комуникација ги создале можностите за убедлива и широко распространета пропаганда. Зголемувањето на ингеренциите на државата кај многу движења и партии влијаело да во своите залагања отворено истакнуваат укинување на европскиот вид на парламентарна демократија.  Сите овие општи промени, како и низа на секојдневно испровоцирани проблеми довеле до тоа да граѓаните во овие општества решението го бараат во разни идеологии кои не подлежат на рационална основа.

 Фашизмот во својата суштина претставува една конзервативна револуција. Една револуција која во својата идеологија ги инкорпорира сите прогресивни елементи од развојот на капитализмот како модернизацијата на производството, масовната индустријализација, убранизацијата на градовите итн., но која од друга страна недвосмислено се залага за оддржување  на социјалната хиерархија и сигурност на постоечките класи. Таа всушност претставува една конзервативна солуција (реакција) на затекнатите проблеми и општествени дисторзии, што секојдневно го тиштат животот на граѓанинот во западните општества. Примерот со Италјанскиот фашизам го потврдува горе констатираното, во Италија Националната фашистичка партија како еконосмки модел го воведува така наречениот фашистички корпоратизам чија официјална функција е да обезбеди соработка помеѓу општествените класи како би се достигнал прогресот на нацијата. Економијата теоретски била водена од колективи составени од работодавачи, работници и владини посредувачи, чија цел била да исплодат економски решенија кои би претставувале баланс помеѓу различните интереси на класите.  Но во пракса е спроведувано она што неретко стоело на сите фашистички пароли во Италија “Tutto nello Stato, niente al di fuori dello Stato, nulla contro lo Stato” (Сѐ за државата, ништо надвор од државата, ништо против државата.), имено, неприкосновена  послушност кон државата како апарат за зачувување на веќе постоечката социјална хиерархија и поделеност. Она што би можело да се заклучи е дека единствената функција на оваа економија е да го зачува социјалниот поредок во општеството, а притоа да не го уназади општеството што всушност долгорочно гледано е една невозможна позиција.

Како главна компонентна карактеристика на фашизмот претставува национализамот и тоа во неговата радикална форма. Се форсира верување во идеален ентитет на обединета нација и се користат епитети како национална гордост, национална казна, национален прогрес итн. Како попатна последица од радикалниот национализам се формира категорија на национален предавник – кој во пракса е дежурен виновник за сите “застранувања“ . Оваа категорија се прилепува на сите кои што отстапуваат од дискурсот кој го наметнува државата организирана од ваквата идеологија.

 Фашизмот исто така се карактеризира со изразена насоченост кон тоталитаризмот. Најчесто фашистичките држави се истовремено и тоталитарни држави, но постојат и исклучоци кои претставуваат некаков вид на хибриди, односно формално демократки влади со тоталитарни тенденции. Сите отврено фашистички држави инсталираат хиерархиски систем поставен од горе надолу, кој може да биде перципиран како една машина за егзекутирање на цели воспоставени од владеачката елита.

Овие движења без разлика дали се институционализирани (во форма на државна власт) или се неинституционализирани, се одликуваат и со континуирано спроведување на дирекни акции чија главна компонента е нерационалноста и неморалноста. Овие акции често се ад хок акции и се карактеризираат со изразено насилство. Една од најпознатите такви акции кој е поттикната од Национал-социјалистичката партија на Германија е акцијата позната како Кристалната ноќ (Ноќ на искршеното стакло). Оваа акција била изведена на 9ти и 10ти ноември 1938 година и таа опфаќала масовно опостушување на евреите во цела Германија и делови од Австрија, при што се извршило огромно насилство врз евреите (физички ликвидации, депортации во логори, силувања, уништување на имоти и тн.)  од страна на цивили и членови на СА одредите.  Во фашистичка Италија познат е и атентатот на социјалистот Матеоти – еден од гласните критичари на Мусолини, од страна на Црните кошули (парамилитарна фашистичка единица во фашистичка Италија, слична на СА одредите), чија главна мотивациона парола била „Me ne frego!“ (Не ми е гајле!).

 Како една од најсуштинските структурни компоненти на фашизмот би ја издвоил тоталната општествена субординација. Имено целото општество претставува еден систем составен од подредености на секое ниво. Ваквата подреденост во овие општества се граничи со послушност во контекст на нивната вредносна поставеност и како таква не остава простор на моменти на независност и одвоеност од целиот систем. Секоја независност е толкувана како предавство на нацијата и се санкционира со сурови казнувања. Функцијата на ваквата подреденост е да ја обезбеди социјалната сигурност на постоечките класи и да ја обезбеди државата од било какви идни преврати (што на долг рок е неодржливо и во самата помисла парадоксално).  Конвенционално се смета дека пирамидата завршува во една шака луѓе – политичка елита, на која и се подредени сите општествени области, но јас би рекол дека дури и политичката елита е подредена и се сфаќа себеси како егзекутивен инструмент на еден митологизиран ентитет кој претставува синтеза на (не)вредности, чија крајна цел е “добробитот“ на нацијата.

Како би се остварило идеалното фашистичко општество сите општествени сфери би морале да потклекнат под волјата која стреми да воспостави тотална општествена дисциплина. Па така во фашистичките општества наоѓаме подредена економија, подредена култура,  како и подредени наука и образование. Третманот кон овие општествени сфери не е во насока на нивно сфаќање како цели по себе, туку тие се третираат како средства за постигнување на претходно утврдените политички цели.  Доколку за првите се уште се води дискусија дали треба да бидат под државна регулација, за образованието и науката критиките се несомнено обединети. Имено науката не може да биде средство за некое поголемо добро од неа, туку таа единствено самата себе си е цел.  Таа секогаш е парализирана и не произведува резултати кога   подлежи на државна регулација и контрола. Тоа е заради тоа што таа не може да биде подредена на вредност која не е инхерентно нејзина, туку таа самата себеси се осмислува, си поставува цел и исплодува резултати во контекст на дискурсот кој таа самата го поставува.

Во фашистичките општества науката и образованието се сфаќаат како инструмент за остварување на цели во определените вредносни рамки во кој тој функционира, па врз образовниот процес  во секое фашистичко општество редовно се врши осмислен напад чија цел е доведување на образовниот процес во субмисивна положба во однос на политичката елита и негово користење како пропагандна алатка за остварување на фашистичките идеали. Како пример за ваква поставеност слободно може да ни послужат озбразовните системи во фашистичка Италија и нацистичка Германија. Во двете држави образованието се користи како пропагандна алатка и забележливи се подеднакви апсурди во образовните процеси. Важно е да се напомене дека и двете држави ставале особен акцент кон оваа општествена област, бидејќи сепак во нивните поматени умови иднината на фашизмот тие ја гледале во младината на нивните општества. Оттаму, покрај регуларното и задолжително образование, за да ги остварат своите замисли тие инсталирале мноштво младински организации  кои биле посветени на “каузата“ и кои вршеле нескриена и често застрашувачко апсурдна индоктринација на младите. Во Италија  познати се : “Синовите на волчицата“ (организација која инволвирала деца од 4 до 8 годишна возраст), “Балила“ (од 8 до 14) и “Авангардистите“ (од  14 до 18); додека во Германија постоела организацијата “Хитлеровата младина“ која во почетокот на 1933 броела 50 000 млади луѓе, додека на крајот на истата година достигнала до 2 милиони, во врвот на своето постоење во 1936 таа броела  5.4 милиони членови, а како огранок на оваа организација била и “Сојузот на германски девојки“ во кој исто така масовно биле вклучени девојките на млада возраст. Учеството во овие организации не било формално задолжително, но во пракса всушност учеството во овие организации било услов за понатамошното вработување во разни општествени области (војска, државни службеници, национални спортисти итн.).

Формалното образование во овие општества било внимателно програмирано со цел да служи како беспрекорна пропаганда и индоктринација на младите. Приметливо во конституцијата на образовниот процес  во овие општества е дека контролата оди во две насоки:

– Од една страна наставните програми заедно со наставните материјали се дирекно контролирани од државните цензори и поставувани така што целосно и служат на идеологијата на фашизмот. Пример за таквата тенденција е самиот почеток на власта на “Национал-социјалистичката партија“ во Германија кога Јозеф Гебелс (министер за пропаганда и просветлување) во својот говор во Берлинската опера на 10ти мај 1933 година ги осудува сите автори кои не се поклопуваат со нацистичката идеологија и кои се од еврејско потекло, во набројувањето влегуваат Алберт Ајнштајн, Сигмунд Фројд, Хелен Келер, Ернест Хемингвеј, Џек Лондон и др., а по овој говор следело масовно свечено спалување на книгите кои се практично цензурирани од самиот Гебелс и се смета дека истата вечер се спалени околу 25 000 книги, спалувањето продолжило и во наредните денови, а цензурата продолжила во целото понатамошно владеење на оваа партија.  Постојат неколку апсурдни примери од овој тип во областа на наставниот материјал што се користел, еден од нив е и филмот „Евреинот скитник“ од режисерот Фриц Хиплер снимен во 1940 година. Во овој филм евреите се прикажани како инфериорен народ, луѓе од втор степен, пакост за ариевскиот народ, па да се поткрепат таквите тврдења се прикажувале сцени од Полските гета. Апсурдот да биде поголем во филмот не е изоставен и Алберт Ајнштајн за кого се вели: “Евреинот со релативноста, кој ја крие својата омраза кон Германија преку својата обскурна псевдо наука.“ . Овој филм бил редовно проектиран во камповите кои ги организирала Хитлеровата младина, а влегол и во наставниот процес.  Истовремено додека филмот се проектирал, се лансирала и програма за изработка на разорно воено оружје за чие изработување се користеле сознанија до кои дошол Ајнштајн. Често во овие општества односите со црковните власти биле испреплетени, па државната и црковната власт неретко си правеле услуги, а тоа секако имало влијание и на образованието. За тоа добар пример е оној во Италија во периодот на владеење на Мусолини каде во основните и во средните училишта било воведено задолжително изучување на религијата, што го погазило принципот на секуларната држава.

– Од друга страна, образовниот кадар и организираните образовни институции во овие општества постојано биле под силна и детална контрола од страна на власта.  По доаѓањето на Национал социјалиститите на власт на 7 април 1933 година во Германија се вовел и Законот за реставрација на професионална државна служба, со кој сите вработени во државната служба кои немале ариевско потекло или не се согласувале со нацистичката политичка идеологија биле присилени да ги напуштат своите работни места. Како последица на тоа образовниот кадар бил доведен во една ситуација  да во 1937 година 97 проценти од образовниот кадар членувал во синдикатот на Национал-социјалистичката партија, што отприлика изнесувало околу 300 000 учители. Конкретно високото образование во нацистичка Германија било под силен удар на режимот исто така, околу 10 проценти од вработените во него биле отпуштени од работа бидејќи не се согласувале со дискурсот на режимот, имале еврејско потелко или биле социјалдемократи. Дел од професорите кои биле протерани од функциите во високото образование се светски познатите: Алберт Ајнштајн, Макс Борн, Фритц Хабер, Ото Фриц Мајерхоф, Теодор Адорно, Мартин Бубер, Ернест Блох, Ернест Касирер, Херберт Маркузе, Луис Хамилтон.  Паралелно на агресивноста на власта кон високото образование позната е и големата послушност од страна на академиците на Германија кон нацистичкиот режим.  Во една пригода работа на универзитетот во Фрајбург му била понудена на Џејмс Франк (кој добил нобелова награда за физика во 1925 година), при што овој ја одбил во знак на протест против антисемитистичката политика на режимот, како реакција на овој гест 33 професори на истиот универзитет потпишале петиција со која го обвиниле Франк за академска саботажа, кон таквата осуда се приклучил и Мартин Хајдегер кој во тоа време бил ректор на универзитетот.   Исто така познати се многу судири со неистомислениците во овие области, еден таков пример е и судирот помеѓу Мигел де Унамуно (во тоа време ректор на универзитетот Саламанка) и генералот Милан Астреј (кој бил поддржувач и близок соработник на Франко во Шпанија), при една свеченост првиот цврсто застанал во одбрана на науката и универзитетот и се спротиставил на убедувањата на Астреј, што резултирало со негово отпуштање од позицијата ректор и му било изречено домашен притвор.  Во сите овие општества препознатлива е и наглата и насилна промена на имињата и патроните на образовните институции.

Она што би можело да се изведе како заклучок од овие примери е дека фашистичките влади во овие декларирани фашистички држави со својата агресија кон образованието постигнуваат или барем настојуваат да постигнат од една страна индоктринација на младите, а од друга страна отстранување на секоја потенцијална опасност на било каква опозиција која може да произлезе од оваа сфера. Угнетувањето на секоја критика која доаѓа од областа на науката и образованието секогаш функционира како угнетување на самата наука, бидејќи длабоко во нејзината суштина е да произведува некомформизам и бунт против било кој систем. Тоа е случај токму поради тоа што во овие области се случува цивилизациската вредносна еволуција, па старите општествени односи веднаш стануваат претесни и застарени за вредностите кои се разоткриле и постанале императив на дејствувањето на луѓето од овие области.

Денес  современите општества се затекнати во сосема  поинакви материјални услови за разлика од тие кои го детерминирале животот на луѓето помеѓу двете светски војни.  Денес живееме во општества кои достигнале (или барем така конвенционално се смета) висок степен  на развој на науката, технологијата, уметноста, цивилизациски вредности, општествената одговорност и тн. Како последица на таквиот напредок се смета дека политичката култура и однесување се подигнати на едно повисоко ниво, и се повеќе се полагаат надежи во мирното и цивилизирано решавање на политичките конфликти, а се осудуваат сите насилни политички акти. Може да се каже дека демократскиот капацитет кај граѓаните во западните општества е значително пораснат и просторот на политиката се повеќе го исполнуваат политички опции кои се претставуваат како артикулации на граѓанските потреби на граѓаните, а не како големи идеологии кои граѓаните ги третираат како субјекти на својата идеолошка волја.

Тоа е едната перспектива на гледање на општествениот развој, додека другата не остава простор за значителен оптимизам. Денес современите општества се соочуваат со поинакви проблеми и предизвици кои се специфични за времето во кое постојат. Современиот капитализам артикулиран преку различните видови на либерални влади низ светот произведува последици кои секојдневно го тиштат, чемераат и упропастуваат  животот на луѓето кои се затекнати во костецот на лошата страна од општествените збиднувања. Покрај она што може да се нарече како позитивна еволуција или прогрес предизвикан од ваквиот систем, постојат и попратни ефекти кои би можеле да ги означеме како уназадување односно регрес. Карактеристични уназадувачки елементи на денешната фаза на развој на капитализмот е тоа што денес во тој систем се соочуваме со хипер продукција на различни добра која произведува алиенирачки ефекти како конзумеризам, презаситување и недостаток на одредени области, а со тоа брзо и неконтролирано богатење и брзо и неконтролирано пропаѓање, како и масовна технологизација на производството што остава милиони луѓе вон работниот процес (особено оние кои го немаат потребниот степен на образование). Во оваа стапка на развој истиот капитализам произведува вредности како што е бесмисленото акумулирање на капитал (без обѕир на последиците), што предизвикува неморално користење на технологијата со цел да се постигне поголема заработувачка, па оттаму доаѓаме до глобални проблеми како што се големата и неочекувана невработеност на светско ниво, нови форми на експлоатација, зголемени ризици од големи катастрофи, глобалното затоплување, уништувањето на одредени животински видови, економски засеци кои дирекно го уништуваат животот на голем број од луѓето. Потоа државните власти низ светот кои безрезервно им служат на потребите на капиталот наметнаа една нова форма на империјализам. Империјализмот денес е во нова фаза и се наметнува во форма на т.н. неоимперијализам кој создава општества кои се инфериорни во однос на други и кои се во константна финансиска, воена или културолошка зависност од поединечни општества. Како последица на современиот империјализам (без разлика на неговата артикулација, имено дали е тој воен, културолошки, економски и тн.) се случува исчезнување на одредени култури (што е фактор за дезинтеграција во некои општества), се наметнуваат одредени концепти за граѓански слободи независно од тоа дали општествата од кои се бара да ги прифатат веднаш се спремни на тоа или не, се прави поделба на држави од прв, втор и трет свет, се формираат нови работнички провинции кои сега не се под дирекна туку индирекна контрола . Како посредена последица на империјализмот се и креирањето на силни и тоталитарни влади во државите кои се инфериорни и кои спроведуваат брутални политики, предизвикувајќи социјални немири, а во најлоша форма и масовни иселенички кризи. Како најрадикален зло, денес во светот се повеќе зема замав тероризмот, како глобалниот, така и локалниот. Во голема мера тероризмот претставува одговор на неоимперијализмот и економските неправди, но не е реткост да се превземаат терористички напади на расно и идеолошко ниво (терористичкиот напад на Андрес Бреивик). Денес владите кои не припаѓаат во т.н. прв свет, не уживаат целосен суверенитет, па оттаму неретко и не успеваат да се справат со политичките и социјалните проблеми кои се случуваат во нивните општества. Вредно е да се напомене дека од 2008 година светот го зафати новаата економска криза, по интезитет слична на онаа од 1930, која предизвика слични ефекти како и кризата позната како големата депресија.  Овие како и многу други фактори влијаат да граѓаните во современите општества повторно (како и во периодот на меѓу двете светски војни) почуствуаат социјална, политичка и економска несигурност. Повторно во светот се случуваат истите проблеми кои наликуваат на условите во кои порано се појави фашизмот. Денес светската јавност и како владите во засегнатите држави имаат една преќутна толеранција кон разни конзервативни движења кои ветуваат некаква социјална сигурност, а се поставени на фашистички компоненти. Ваквите движења во Европа до сега беа вонинституционални и не претставуваа голема политичка закана, но денес после повеќе од 70 години од поразот на фашистичката идеологија ние повторно се соочуваме со институционализација на фашизмот. За да тоа го согледаме не е потребно да одиме премногу далеку, имено нашиот јужен сосед Грција се соочува со наглиот успех на отворено фашистичката партија Златна зора (основана во 1993) која на изборите во 2015 година освои 7% од севкупниот број на гласови, па оттаму во Грчкиот парламент има 18 пратеници, додека во Европскиот има 3. Оваа партија се карактеризира со радикален национализам, отворен расизам, насилство и закани, и до сега учествувала во многу социјални немири предизвикани од неа. Во Унгарија на власт веќе неколку години е партијата FIDESZ на чело со Виктор Орбан, која неколку години последователно е обвинувана за тоталитарна влада со фашистички тенденции, еден пример за фашизмот на FIDESZ  е подигањето на ѕид со кој се отфрли секаква помош кон бегалците од истокот. Во Франција (која вообичаено се смета за политички еманципирана држава) владата на Никола Саркози (Унијата за народно движење) во 2009 и 2010 протера повеќе од 18.000 роми кои живееја во Франција. На 11 Ноември 2015 година во Полска се случи најголемиот протест (на кој отприлика присуствуваа 100.000 граѓани) против „муслиманската инвазија “ на Европа кој беше дирекно насочен против влезот на сиријските бегалци во Полска. Овој марш преќутно беше поддржан од актуелната влада на партијата Закон и правда, која е десничарска и изразито конзервативна партија и која е се почесто обвинувана за фашизам. Најголемата империјалистичка сила се соочува со појавата на феноменот Доналд Трамп кој во суштина е популистички фашист и кој бесрамно и без размислување искажува отворено фашистички ставови кои не само што треба да ги загрижат граѓаните на САД туку и светската јавност, бидејќи тој  во своите обраќања навестува голема нерационалност при употребата на сила по доаѓањето на власт.

Материјалните околности во кои се наоѓа Македонија во годините од својата самостојност се големата невработеност, загрозените човекови права и слободи, загрозените работнички права, огромна социјална поделеност, масовно иселеништво (особено на младата популација), висока стапка на морталитет, ограничен државен суверинитет, последици од конфликтот во 2001 година и низа други проблематични состојби. Ваквите состојби своите причини ги имаат во излегувањето од едно општество на распад, политичката и економската транзиција, воениот конфликт во 2001 година, зафатеноста од светските економски кризи, изолираноста на Македонија од интернационалните здружувања итн. Со ваквите околности животот на македонскиот граѓанин е несигурен и исполнет со секојдневни ризици и тешкотии. Политичките збиднувања кои се отсликување, а воедно и причина на ваквата ситуација стануваат се потурбуленти и потурбуленти. Во диверзитетот на разни политички тенденции забележителна е една која континуирано се развива од 1991 година па наваму, а денес доживува кулминација. Имено со воведувањето на повеќе партиски систем во Македонија национализмот се повеќе и повеќе зема замав. Политичките партии како и други вониституционални движења се повеќе како акцент на своите залагања го ставаат националното единство и националната гордост. При тоа со лоцирање на национални непријатели ја маскираат нефункционалноста на македонското општество.

Ваквите околности во кој се наоѓа нашето општество прават плодна почва за развивање на фашистички идеи, како и нивно имплементирање како вонинституционално така и институционално. До сега во независна Македонија се појавиле различни фашистички вонинституционални организации, но и институционални кај кои можат да се препознаат фашистички елементи. Но можеби по прв пат од ослободувањето на Македонија од фашистичкиот окупатор државната власт пројавува карактеристики на фашизам. Од 2006 па наваму државната власт во главно е контролирана од страна на десничарската и конзервативна партија ВМРО – ДПМНЕ и нејзиниот коалиционионер партнер од 2008 година ДУИ. Од тој период наваму во Македонија се направени бројни законски реформи кои општеството го доведоа  во една посебна состојба во која слободата влегува на сѐ помала врата.

Критиките кон нивното владеење се бројни и доаѓаат од диверзитетни критички позиции. Уште од почетокот на нивното владеење тие успешно инсталираа политички дискурс кој е доста агресивен и поприма фашистички својства  и кој до сега ниеден политички субјект не успеа сериозно да го разниша. Главната линија на тој политички дискурс е национализмот и националниот интерес , а за носители на истиот се прогласија тие. Главна алатка за освојување на политичкиот простор во тој дискурс стана стигмата национален предавник – метод кој е карактеристичен за сите тоталитарни движења и партии чиј акцент на делување онеспособување на противникот, а не рационалната оправданост на таквата политичка идеја- која е прилепена на секоја потенцијална политичка опозиција на нивната идеја. Овој дискурс е интензивно пратен со создавање на митска национална слика, креирање на митски ентитет, на кого нацијата мора да му се потчини, а медиумот за комуникација помеѓу тој ентитет и граѓанинот на Македонија е единствено партијата која веќе се наметнува како нужност, а не како избор. За овој идеолошки опиум  да профункционира во пракса се спроведоа  низа на чекори кои за своја цел имаа преиспишување на националната историја во која се отворија низа на илузорни битки со идеолошкиот непријател.  Понатаму постои сериозна критика за нивниот однос кон медиумите и алатките за ширење на политичка идеја. Имено се повидливо е агресивно користење на медиумска пропаганда во контекст на нивната кауза, исто така се поприсутно е одмаздништво кон непослушните медиуми (во некои случаи постои сомнение за политичко пресметување со мерки на притвор, а исто така постојат  сомненија  за егзекуција на новинар), очигледна  е и синхронизираноста во известувањето за одредени настани помеѓу различни медиуми со различни новинарски тимови, кои доаѓаат до истите конклузии, ги користат истите методи, но апсурдот да е поголем ги прават и истите грешки. Понатаму уште една карактеристика на оваа власт е прекумерната употреба на сила при извршување апсења, полициски интервенции на протести, секојдневни полициски интервенции (што во еден случај заврши со убиство на млад човек), насилството на партиската младина, како и на локалните организации кои се во блиска соработка со нив (НВО, навивачки групи и тн.). Креирање и контрола на етнички конфликти, кои се употребуваат во различни контексти како би се постигнале некои ним корисни цели.  Злоупотреба на законот за вработување во јавниот сектор каде што, наместо вработување според компетенција и стручност масовно се  вработува партискиот кадар независно од неговата некомпетеност. Исто така судската власт е предмет на сомнение на покорност кон извршната власт, па постојат низа на примери со кои може да се поткрепи тоа тврдење. Со сите овие како многу други елементи на своето владеење оваа власт остварува во пракса една фашистичка идеја за општество на субординација. Македонското општество денес живее во подробна подреденост во сите негови пори. Имено секој граѓанин во нашето општество е дел од некаков хиерархиски степен и е во постојана зависност од некој кој стои повисоко на хиерархиската скала и таквата состојба се одржува со методи на континуирано заплашување и сеење страв.

Генералната општествена состојба исто така се отсликува и на полето на образованието. Имено образовните политки во Република Македонија се чини дека одамна го изгубиле својот компас, па изгледаат како стихијно да се залетуваат во правец на сопствената гибел. Но колку и образованието да изгледа дезориентирано и препуштено на ситните и криминогени умови кои редовно успеваат да бидат поставени на чело на образовните институции, сепак може да се издвојат неколку генерални карактеристики на образовната политика на оваа власт.

Најпрво во односот кон образовните материјали или изборот на образовните единици што се користат при образовниот процес се препозава една интенција да некои идеолошки вредности некритички и подмолно се вметнат во нив. Самата поставеност на селекцијата на образовните материјали е проблематична бидејќи е видливо централизирана и селектирана од Министерството за Образование без  доволно стручна консултираност и обработка.  Еден пример за таквото идеолошко индоктринирање на учениците е случајот со учебникот за граѓанско образование за 8-мо одделение во кој стои: –„Кога покорувањето на моќта е прифатена, тогаш  за таа моќ велиме дека прераснала во власт. Власта е облик на моќ која е прифатена како оправдана, бакнувањето рака на повозрасните е изразување на почит кон авторитетот, лојалните граѓани ги почитуваат оние кои се на власт во општеството, и секогаш се подготвени да ги следат правилата и прописите и по цена да мора да се откажат од своите слободи.“  

Овој пример не е изолиран пример на кој може да се посочи, голем дел од македонските учебници подлежат на грешки, индоктринации и лажирани факти. Во нив се наоѓаат дискриминирани многу општествени групи, како што се оние кои доаѓаат од посиромашните семејства (пример во учебникот по социјологија за 2-ра година гимназиско образование, каде што се констатира во форма на императив дека децата од побогатите фамилии завршуваат и треба да завршуваат со поголем успех во образованието, без претходно да се даде објаснување на методот преку кој е дојдено до оваа констатација), оние кои се од етнички малцинства, политичка опозиција, сексуални малцинства итн. Не е изоставена и интервенцијата во наставните програми, каде што се воведени и предмети како што се запознавање со религијата и етика во религиите како и обидот да се воведе веронаука, што претставува дирекно кршење на принципот на секуларноста и индирекна индоктринација на младите деца. Наставната програма трпи исто така многу модификации како успешно би можеле да се контролираат образовните институции. Нејзиното планирање е централизирано и потчинувањето кон она што доаѓа од министерстовото како педагошки императив е безусловно. Имено наставните програми претстсавуваат економизирање на туѓата (наставничката) енергија и време со цел максимилизација на успехот кон поставената цел на политичката елита без водење сметка за неприкосновениот интегритет и автономност на наставникот во наставниот процес. Всушност слободната волја и иницијатива во македонскиот образовен процес се тотално сузбиени и практично не постојат.

На полето на вработување на наставниот кадар во Македонија се имплементира еден селективен процес каде главниот критериум за вработување е послушноста и партиската определеност на кандидатите. Со такви примери изобилува секое ниво на образование. Оние кои што според власта се неподатни да бидат во образовниот процес се жртви на разни механизми за исклучување од него. Еден од нив е и процесот на лустрација со кој власта допре и во образовниот кадар, каде се најдоа лустрирани професори, на кои најпрво им се нарушија личносниот и професионалниот интергритет, а исто така активно се работи на нивно протерување од работниот однос.

Ситуацијата во високото образование беше долго време  непроменета и процесите кои се одвиваа во него одеа по институционална инерција. Но последните неколку години власта тргна го воведување на контрола и врз него. На тоа укажува дека само во последните 6 години македонското високо образование претрпело 16 измени на ЗВО. Промените одеа во насока од поставување на некомпетентни министри за образование (што јасно ја покажува целта дека се ставаат егзекутори на веќе готова политика, наместо еманципирани и автономни личности кои ќе работат во насока на зголемување на квалитетот на образованието), до отварање на нови универзитети и факултети низ целата држава (со што се релативизира вредноста на постоечките, и се укинува нивното влијание врз политичкиот простор во Македонија), нефинансирање на научната дејност и истражување или селективно финансирање, неефикасно стипендирање на студентите (создавање на еден клиентелистички однос на студентите кон власта). Кулминацијата беше достигната со воведување на екстерно тестирање на сите нивоа на образование (во високото образование таквата реформа не помина, односно сеуште е ставена во мирување).  Со оваа реформа се поставува еден уникатен и само за Македонија карактеристичен систем на контрола на образовниот процес. Имено власта без криење и отворено се надредува над знаењето и науката и во својство на “објективна“ терезија одлучува за компетентноста на материјалите, кадарот, програмите и учесниците во образовниот процес. Оваа тенденција е инхерентно својство на секој вид на фашизам, каде што политичката идеологија на власта е императив и на неа потклекнуваат сите останати општествени компоненти и појави.  Но надредувачкиот однос на власта кон образованието не завршува тука, туку се исполнува и со низа на постапки кои власта ги превзема околу секојднвеното менаџирање со ВО. Пример за тоа е неодамнешното решение за новите згради на  двата факултети ( Физичка култура, спорт и здравје и ФИНКИ) да се сместат во веќе преполниот и претесен кампус за општествени науки иако за нив претходно се изводјувани средства како би биле изградени на друга локација, па дури и има веќе започнати згради во изградба. Иако на ваквиот гест изреагира академската заедница со укажување на неговата избрзаност и нестручност сепак цврстата волја на партијата аминувана од ректорот на УКИМ Велимир Стојковски без било каква консултација и сослушување на туѓото мислење остана на својата позиција и почна со реализација на проектот.   Ваквиот чекор остави големи сомнениа дека позади него стои организиран криминал помеѓу претставници од власта и надлежни претставници на универзитетските власти. Понатаму ректорот на универзитетот Кирил и Методиј г-дин Велимир Стојковски кој е во залезот на својот втор мандат (чија област на занимавање патем е биохемијата – област која е “најподатна“ за позицијата ректор) е личност која овозможи или преќутно дозволи да високото образование падне под огромно влијание на власта и биде доведено до ова ниво во кое што е сега. Низ текот на целиот свој мандат тој дури не се осмелуваше ни да ги коментира секојдневните порази на академската слобода, а како ли на нив да се спротивстави. Дополнително во различни околности, а можеби од невнимание ги пројавуваше своите склоности кон вредносните матрици на партијата на власт. Еден пример за тоа организирањето на свечена миса (молење) во Богословскиот факултет за почетокот на учебната година во септември 2012 година, со тој потег тој ја погази секуларноста на универзитетот од страна на црквата (ако воопшто бил информиран дека таква постои). Колку и неговите грешки да се базирани на незнаење и некомпетентност за позицијата ректор на универзитет сепак постои големо сомнение околу неговата честа послушност кон владините политики.  Покрај неговата послушност, позната е послушноста на низа на професори од високото образование кон партијата на власт. Таков е примерот со формирањето на контра професоркиот пленум кој броеше 200 потписи од рацете на универзитетски професори. Оваа група на професори со големо одобрување ги примаше и ги прима реформите на партијата на власт, и со подли и нечесни обвинувања константно настапуваше против своите колеги. Покрај оваа група на професори како индивидуални подржувачи без академски `рбет (споени во вонобразовни организации  како ГДОМ  на пр.) на партијата на власт се појавуваа Тања Каракамишева, Тони Науновски, Виолета Ачковска, Никола Жежов, Димитар Трајанов, Виктор Камиловски, Љубиша Георгиевски, Саво Климовски и др.  Некои од овие луѓе денес имаат високи позиции во образувањето на високо образовните политики, како и останати државни органи и комисии иако нивната компетентност за истите е сомнителна.

Постојат и други примери на индоктринација на децата во образовниот процес како што е задолжителното свирење на националната химна во некои основни училишта низ Македонија како почеток на наставниот ден, носењето на молитва за почеток на учебната година на деца од основно училиште во Пробиштип, изведување (симулација) на црковни ритуали во училиштата, маршот на ученици во основните училишта во Битола познат како  „Децата за доброто и светлината – Денот на Ангелчињата“, протерување на синдикаланите лидери во образованието од нивните позиции во СОНК (примерите со исклучувањето од СОНК на најистакнатите и најгласни синдикалци Душко Стојановски и Фанче Јошевска познати по својата чесност и работливост) и тн. Овие примери јасно покажуваат дека партијата на власт образовниот процес го сфаќа како индоктринација на младите а не како процес за нивно образување во слободни и критични граѓани.

 

Мора да се забележи дека партијата на власт (ВМРО ДПМНЕ) никогаш  официјално и отворено не се декларирала дека почитува фашистичка идеологија. Единствено може да се посочи дека поединечни членови на истата партија или партиите со кои е во коалиција, како и силни поддржувачи на истата,  а кои се јавни личности имаат отворено фашистички ставови по одредени прашања. Но и покрај тоа што не можат да и се препишат официјални фашистички ставови, сепак може да се забележи во досегашната политичка пракса која ја спроведувала дека се приметливи одредени фашистички тенденции. Токму поради тоа тие мора да бидат забележани и некако оквалификувани, а потоа и елиминирани преку организирана политичка борба од страна на свесните граѓани. Сите видови на фашизам во својата крајна основа се крајно нерационални и подлежат на невредности и доколку истите се спроведат односно се институционализираат тогаш се губат или трајно се оштетуваат цивилизациските вредности до кои стигнало едно општество. Човековите права и достоинство се нарушуваат па од животот не останува многу освен недостоинствено покорување на морално помалку вредните луѓе. А на прашањето зошто фашистите се толку упорни кон освојувањето на образовниот процес не е доволно само да се одговори дека во образованието односно во младите ја гледаат иднината на својата идеологија, туку за одговорот да биде потполн мора да се каже дека токму во образованието односно во свесните и еманципирани граѓани (кои можат да станат такви само со знаење) тие ја гледаат пропаста на својата невредна идеологија, па поради тие причини  секогаш го силуваат и го калемат по нивен терк.  Затоа борбата против фашизмот на секое ниво а особено во образованието не е избор, туку претставува нужност. Додека  за да може да се бориме против него, прво мора да ги разбереме условите во кој тој настанува, компонентите врз кој ја гради својата идеологија, начинот на неговата манифестација и долгорочната нефункционалност. Доколку така го разбереме тој го губи статусот на митско зло и се прикажува во својата вистинска појава, имено како една реакционерна (конзервативна) реакција на проблемите во кои е затекнато едно општество а се од материјална природа. Главната заштита против него секогаш е знаењето, еманципираноста и храброста бидејќи единствена почва од која тој може да никне е малограѓанштината, незнаењето и неморалноста. Затоа кога ги препознаваме таквите тенденции во нашето општество наша обврска е ним да им се спротивставиме и да не дозволиме и овој пат фашизмот да го земе својот данок и повторно да го уназади нашето општество. Затоа во име на здравиот разум време е цврсто да застаниме во одбрана на цивилизациските вредности до кои како општество сме стигнале.

 

                                                                  Стефан Видиков

Член на Младинската организација “Мугра”

Нововековна Италија и Нацистичка Германија: „ВМРО, не ни ја кради историјата!“

Ги слушате ли криците на големите патриоти од заборавената Атлантида на Балканот? Заборавените подвизи на една цивилизација, каде за првпат пред милиони години се подели амебата и БИ ЖИВОТ! Милиони години подоцна, во Италија во XVII век и во Нацистичка Германија во XX век, се раѓаат нови автентични текови во уметноста, барокот и возобновената класика на Хитлер, кој како вистинки вљубеник во уметноста им дава достоен омаж на античките римски и грчки уметнички достигнувања. Одејќи напред во историјата, во XXI век во Македонија, со спој на овие две уметности, на овие два стила, се раѓа Фашистичката Барокна Уметност наречена Скопје 2014. Но, ете се побунија! Италија и Нацистичка Германија, коишто беа  длабоко повредени од ова крадење на нивната историја, упатија апел до Македонија да престане да им ја краде историјата и уметноста!

01.jpg

Арно Брекер, Духот на Партијата, Нацистичка Германија

 

02.jpg

Прометеј од Скопје 2014

Обединетиот, дипломатски кор на нововековна Италија од XVII век и Нацистичка Германија од XX век, денес со временска машина се спуштија пред големиот Воин на Коњ или како што Италијанците извикаа – Гранде Мерда! Во дипломатскиот кор, италијанските барокни мајстори ги предводеше Џан Лоренцо Бернини, славниот барокен скулптор и архитект, додека за Нацистичка Германија претставник беше Албер Шпер, таткото на германската нацистичка архитектура. Шпер беше изненаден кога беше прашан што мисли за желбата на неговиот лидер – да биде сликар, а нашиов лидер – режисер. Неговиот одговор беше: „Пикасо рекол дека добрите уметници копираат, а врвните крадат. Токму така и нашиот и нивниот ,,уметник” се врвни во крадењето.

03.jpg

Влезот во Олимпискиот стадион во Берлин, Нацистичка Германија

04.jpg

Лавови го фланкираат мостот во Скопје 2014

По неколку часовно дискутирање за тоа кој ја „краде“ историјата, трите засегнати страни излегоа на прес – конференција, закажана под панорамското тркало. Прв настапи Бернини, видно разочаран од преговорите изјави: „По долгите разговори со овдешните уметници и слушајќи ги нивните аргументи почнувам да сфаќам зошто многумина ми велеа дека џабе доаѓам. Ова не е барок, туку тие само го викале барок. Сепак, бидејќи името „барок“ е користено за ова чудо, а тоа е наше, ние ќе бараме реакција само во однос на прашањето за името, затоа што ИМЕТО НЕ ГО ДАВАМЕ!“ После оваа изјава настапи Албер Шпер и тој беше далеку побесен во својот настап кога кажа: „Ова е срам. Ваков апашлук на нашата историја не е виден. Мислевме и очекувавме дека ќе видиме нешто подобро од некој кој сака да биде диктатор. Веднаш кога побаравме да ги симне градбите – тој се согласи и со ова ние одбиваме да ја поканиме  Македонија во „Фашистичката Унија“ и ставивме вето на нејзиниот влез во истата!

05.jpg

Хитлеровата визија за Големото Собрание на Германија

06.jpg

Јавно обвинителство, Скопје 2014

На крајот, како специјален гостин настапи Јозеф Гебелс, којшто последен излезе од преговорите и сакаше да каже и добри и лоши вести. Тој започна вака: „Нашата партија направи многу за да ги задуши експресионистите, дадаистите, модернизмот во архитектурата, Вајмарската уметност, Баухаус школата, итн. Ние на една наша изложба наречена „Изопачена уметност“, во 1937 година, ги издвовиме делата на уметниците кои не се сложуваа со германскиот дух, кој беа премногу модерни и во секој случај подобри од оние дела на лидерот. Но, вие сте отишле чекор подалеку. Овие бруталистички градби од XX век сте почнале да ги покривате! Какво понижување е тоа! Ние само ги изложивме, ама добро де по некое и спаливме. Сепак, морам да кажам дека,  покрај ова позитивно изненадување, забележав дека неколку медиуми  направиле плагијат на целата моја програма за вести, весници, колумни, итн. и видно растревожен решив да ги тужам, во Меѓународниот Суд за Неправда и Дискриминација кон Фашизмот, овие уништувачи на мојот углед! Се надевам дека, после овие бурни времиња, нашите земји повторно ќе ги забележат сличностите и ќе зачекорат рамо до рамо во дистопијата!“

 

Кирил Дончов
член на МО Мугра

Знаењето оди во втор план: Интервју со проф. д-р Гордана Попсимонова

Благодарност до проф. д-р Гордана Попсимонова од Факултетот за земјоделски науки и храна, која се согласи да ги сподели своите гледишта поврзани со Болоњскиот процес и бесплатното образование.

Како гледате на Болоњскиот процес во Македонија? Дали е адекватен за создавање кадри за работни места, развивање критичка мисла кај студентите, или двете?

Кратко и јасно: Болоњскиот процес е реформа на европското образование со многу длабока и добра идеја да ги задоволи потребите на пазарот на трудот и да се подигне мобилноста на студентите. За жал, дури ни во високоразвиените економии, реформите не одговориле на поставените барања. На пример, основната идеја беше минимум 20 отсто од студентите во Европа да дипломираат во странство, односно надвор од нивната домицилна држава. Што се однесува до образовните профили кои се прозведуваат, истите економии се жалат дека само 70 проценти од дипломираните студенти („bachelor“, или по нашите поранешни критериуми – ВСС) можат да се вработат. Во Македонија не е направена конкретна анализа за ваквите тенденции, меѓутоа, во регионот, бројот на студенти со 180 ЕКТС (односно тригодишно образование) кои можат да се вработат, изнесува одвај над 10 отсто. Тоа, во превод значи, дека како и кај нас, огромен број студенти буквално се принудени да одат на последипломски студии. Тоа пак, е нешто кое чини и студентите го плаќаат од сопствениот џеб, без гаранција дека и како такви, ќе најдат вработувања.
Вториот голем недостаток на Болоњскиот процес е што тој воопшто не постои во Македонија. Ја прифативме само формата, како професори ги оптоваруваме студентите со домашни задачи, периодични тестови, семинарски работи, есеи и сл., при што на истите тие студенти им го одземаме времето за учење. Целиот процес кај нас многу повеќе е сведен на форма, а многу помалку на содржина. Знаењето оди во втор план. Мобилноста на студентите пак, не се реализира ни во рамките на Република Македонија меѓу разните единици на универзитетите, а не пак мобилноста надвор од границите на нашата држава. Да заклучам – неопходна е реформа на Болоњската реформа, што всушност е потврдено и со иницијативата на европските министри за образование во „Стратегијата за мобилност 2020“.

Како би можела да се подобри ситуацијата во образованието кога е во прашање Болоњскиот процес? Негово укинување или подобрување, во кои аспекти?

Ние во Македонија имаме акутен недостаток од релевантна анализа на пазарот на трудот. Ако не знаеме какви стручни профили ни се потребни, како би можеле да знаеме каков профил на студенти да подготвуваме. Ситуацијата во Македонија воопшто не е зрела за некакво буквално пресликување на Болоња, односно неопходен ни е еден преоден период од најмалку 10-тина години. Според мене, на Македонија во моментов ѝ се многу попотребни стручни средни училишта и добро обучени високостручни кадри, отколку формална и формализирана хиперпродукција на високообразовни кадри. Сметам дека идните реформи во образованието би требало да се движат во тој правец, односно да се засноваат на поинакви стојалишта. Конечно, треба да се отрезниме и да се освестиме дека со буџет за образование и наука помал од два отсто (кој, патем речено, е 10 пати помал од предвидениот со Стратегиијата за развој на образованието во РМ до 2016 г.),
Болоња е прилично скапа работа. На пример, секој наставник треба да работи со група од најмногу 20 студенти, а во таквата релација, ние се соочуваме со недостаток на наставен кадар. Немаме доволно училници, кабинети и лаборатории. Немаме пари за да да ги испратиме студентите на пракса. За сите овие горливи прашања, требаше да биде задолжен Советот за образование и наука, кој никогаш не профункционира, затоа што нема пари. Да резимирам – Болоња не може да се реализира во амфитетар со илјада студенти, како што е кај нас. Тоа е пародија на Болоњскиот процес.

Кое е вашето мислење за студентската репрезентативност во Универзитетот, вклучувајќи го моменталниот, како и можни или идни модели за нејзино остварување?

Сегашната позиција на студентите, според моето скромно мислење, е исклучително пасивна во однос на животот и просперитетот на универзитетите. Факт е дека тие се претставени од Студентскиот парламент во работата на Наставно-научните совети на факултетите и во телата на управување на универзитетите. Факт е дека учествуваат и во оценувањето на наставниот кадар и дека истата таа оценка е еден од параметрите според кои ние професорите се избираме во повисоки наставни звања. Меѓутоа, ниту едното, ниту другото, не значат адекватна репрезентативност на студентите во високообразовниот процес. Напротив, неретко овие претставници стануваат инструмент за партиска контрола на академијата. Впрочем, во моментов тоа и се, и тоа треба јавно да си го признаеме.

Околу бесплатното образование, дали мислите дека е возможно и како?

Вистинското прашање е – дали е нормално 90 отсто од матурантите да се запишуваат на факултет? Бесплатното високо образование има смисла само ако ја подразбира интелектуалната елита на младите, односно ако тоа само по себе биде образовна, а не социјална или политичка категорија. Во ситуација на целосна пореметеност на суштината на високото образование, не знам колку е возможно да говориме за платено или бесплатно образование. Мислам дека поважно е образованието најнапред да биде образование, а не нешто друго.

Што мислите за односот меѓу власта и студентите и како тој е рефлектиран во постојаните напади кон автономијата?

Претходно споменав дека Студентскиот парламент кај нас во одредени ситуации се модифицира како политичко орудие против универзитетската автономија. Тоа значи дека власта се обидува на сите начини да ја еродира истата таа автономија. Студентите и професорите кои мислат поинаку, се прогласуваат за народни непријатели, предавници, странски платеници и слично. А ние разговараме за Болоња! Има тука една фина иронија, нели?